Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 88 | година XVI | јануари-февруари, 2013



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 88јануари-февруари, 2013
Проза

Гец и Маер

(извадок од романот)


/7
стр. 1
Давид Албахари

Понекогаш победата се состои во признавање на поразот, но не во мојот случај. Порадо ќе јурнам кон ветерниците, па дури и да се стари и трошни, какви што се сега Гец и Маер, ако се живи. Никогаш не сум ги видел, можам само да си ги замислувам. Повторно сум на почетокот. Ете во што се претвори мојот живот: тапкање во место, непрекинато враќање, постојано започнување. Еден од оние три животи кои напоредно ги живеев, а можеби и четврти. Останатите и понатаму ме посетуваа, непроменети, па се будев како Гец, или Маер, желен по работа, а легнував како тринаесетгодишно момче кое се подготвува за бармицва и ги повторува зборовите на јазик кој му жеже в грло. Никој од моите роднини во логорот не одговараше на описот на тринаесетгодишно момче, и не знам од каде се појави тоа овде, ниту пак кој живот нему му припаѓа. Гец и Маер, исто така, не можат да ми помогнат. Да ги помневме сите тие лица, велат тие, немаше да можеме да се сетиме на ништо друго. Момчето продолжи да се појавува, и во една прилика, наместо моите, убаво ги видов неговите дланки. Цврсто ја стегаше шолјата со млеко и беше жеден. Се наоѓаше во мене и оној ден, кога на учениците со од возбуда пискав глас им предложив наредната среда да ја минеме со практична настава. Иако помислата дека нема да одат во школо веќе ги беше фрлила во восхит, сепак сакаа да знаат за што ќе станува збор. Момчето во меѓувреме исчезна, па морав јас да одговорам. За разликата меѓу стварноста и уметничкото дело, реков, ама и за сличноста на мигот од реалноста и плодот од мечтаењето. Чесно се изнатрчав тие денови. Требаше да се обезбеди автобус, да се соберат пари од учениците, да се подготви рутата, да се приберат мислите. Последното најтешко ми паѓаше, признавам. Потоа на семејното стебло, во едно зафрлено катче, ја пронајдов далечната братучетка Матилда, која умрела 1929 година. Никогаш не дознав ништо за неа, како да била дел од некоја семејна тајна. Не го открив ни нејзиниот надгробен споменик на Еврејските гробишта, вклучувајќи го и запуштениот ашкенаски дел. Заради неа ги обиколив и Еврејските гробишта во Земун, иако никој од моите роднини не живеел во Земун, се разбира со исклучок на оние месеци кои ги минале во логорот на Сајмиште. И така, внимавајќи Гец и Маер да не забележат нешто, си раскажав себеси дека сиротата Матилда умрела при пораѓај.


Ова е извадок од:
еКнига
Печатена книга




Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+