Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 89 | година XVI | март-април, 2013



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 89март-април, 2013
Проза

Татко

/5
стр. 1
Блаже Миневски

Сега мнозина пишуваат за она што се случи во наше време, а само ние двајцата помниме поеднакво долго, затоа што сме родени во ист ден и во ист град. Јас заминав со Првата кохорта на стрелците, а ти остана таму. Мислам оти веќе знаеш кој сум, ама и јас знам кој си, и знам што си, и знам дека ти ја составуваш приказната за него собирајќи ги сведоштвата во книга што некогаш може ќе биде книга над книгите. Затоа, брате Теофиле, затоа ја праќам оваа моја приказна, за да знаеш дека не е сè така како што пишуваат оние што никогаш не биле сведоци на тоа што се случи пред да се појави неговата ѕвезда. А сè се случи вака, и никако поинаку, брате Теофиле. Јас веќе сум старец; ако добро бројам, имам скоро осумдесет лета, а сè уште чинам сосема добро се сеќавам на тоа што се случи под облакот со лице на гулаб. Таа имаше шеснаесет години а јас шест повеќе. Ја затворив вратата зад себе, ја турнав и молчев, чекајќи очите да свикнат на сенките. Се доближив до неа и полека ја кренав покривката. Тогаш таа го сврти погледот, а почна да ја влече кошулата и, само што ја крена до папокот, моето тело продре во неа и моето свето семе се истури во нејзината благородна матка. Како што знаеш, брате Теофиле, постојат работи што господ не ги разбира, иако самиот ги создал. Знам дека се одморив врз неа не подолго од една минута, можеби и помалку, како што пишува оној од Азињага, а потоа таа си ја спушти кошулата надолу, ја повлече покривката нагоре и со другата рака си го покри лицето. Дури кога самна сфатив дека сум првиот маж во нејзиниот живот. Сакам да кажам, јас сум таткото, брате Теофиле, иако разни просјаци шетаат насекаде велејќи дека не постојам, дека мојот син се родил без татко. А има ли човек на светов што се родил од ветар, од ништо, брате Теофиле? Секое човечко суштество, има и мајка и татко, а мојот син не е исклучок, зашто е човек. Сепак, сето ова брате Теофиле и сега немаше да го напишам ако не разберев дека оние што шетаат со стапови по селата почнале да зборуваат дека мојот син бил толку бездушен па во смртниот час се откажал дури и од својата мајка велејќи ѝ грубо само „жено“ а не „мајко“! Ете, тоа ја прелеа чашата, брате Теофиле.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+