Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 89 | година XVI | март-април, 2013



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 89март-април, 2013
Есеи

Книжевноста и историјата: конкурентни и/ли комплементарни мемории?

/9
стр. 1
Марија Ѓорѓиева Димова

Веројатно, постои некое правило според кое човек памети и заборава, но бидејќи приказните за сеќавањето, најчесто, се историја или фикција, избегнуваме да мислиме за таквите правила.
    Миленко Јерговиќ, Историска читанка

Актуализацијата на тријадата книжевност – историја – меморија, меѓу другото, се реализира и преку проблематизирањето на традиционалната дистинкција книжевност – историја, во што свој придонес имаат и одредени видови меморија[1], идентификувани во историски, т.е. во книжевен контекст. Комплементарноста, како основен принцип врз којшто се темели оваа тријада, се потврдува на две рамништа: прво, книжевноста и историјата се две дискурзивни практики, чијшто однос во последниве децении е подложен на повеќекратни редефиниции, коишто, меѓу другото, се темелат и врз потенцирањето на заедничките мнемонички аспекти; второ, книжевноста и историјата се идентификуваат како два дискурса за минатото, како две мнемонички практики, како два начина на паметење на историската стварност, но и на нејзино пре-обликување. Низ призма на оваа релација, книжевноста, во континуитет, ја пополнува и ја дополнува историјата – нејзините празнини, белини, „темни места” – низ постапките на фикционализација, на ре-интерпретација, на ре-визија и на пре-осмислување. Во таа насока, се актуелизираат неколку теориски категории (постмеморија, апокрифна историја, креативен анахронизам, фигури на меморија), коишто се корисни интерпретативни алатки, особено илустративни во однос на трансгресиите книжевност – историја и во однос на идентификувањето на нивните заеднички мнемонички аспекти.
    Tеориски контекстуализации

    Во историографски контекст односот историја – меморија повеќекратно е елабориран и аргументиран.[2] Доминик ЛаКапра посочува две причини кои го објаснуваат враќањето кон меморијата и нејзиниот однос кон историјата: покрај поширокиот културолошки интерес за местата на меморија, релевантен е и феноменот на траумата, главно, од аспект на одложеното препознавање на значењето на трауматичната серија настани. Во рамки на истражувањето на сведоштвото како еден круцијален извор на историјата, ЛаКапра ја воспоставува дистинкцијата примарна – секундарна меморија: меморијата на „личноста која ги проживеала настаните и се сеќава на нив на одреден начин“, односно меморијата која резултира од „критичката работа врз примарната меморија, било од страна на личноста која иницијално ги има релевантите искуства, било од страна на аналитичарот/посматрачот/секундарниот сведок каков што е историчарот“ (1998, 20-21). Несомнено, во однос на траумата меморијата секогаш е секундарна, т.е. е афектирана од елементи кои не се деривирани од искуството: она што се случило не е интегрирано во искуството или директно запаметено, така што настанот се реконструира врз основа на неговите ефекти и траги.
    Книжевноста, подеднакво, поседува капацитет и потреба да го искористи трауматичниот настан како предлошка и да ги трансформира сведоштвото за него во книжевен контекст и

_____________________________________

1. Вториот дел од насловот на овој текст алудира на синтагмата конкурентни нарации, што Хејден Вајт ја употребува во однос на историјата и на книжевноста.
2. D. LaCapra, History and Memory after Auschwitz, Ithaca and London: Cornell University Press, 1998; J. le Goff, History and Memory,New York: Columbia University Press, 1992.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+