Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 91 | година XVI | јули-август, 2013



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 91јули-август, 2013
Есеи

Авто-перцепцијата на македонските прозаистки, или: Јас не сум жена писател

/4
стр. 1
Елизабета Баковска

Откако на почетокот на есејот Јас не сум жена писател, феминистичката теоретичарка Торил Мои (Toril Moi) го поставува прашањето зошто жените и пишувањето, т.е. жените писатели (писателките) се толку маргинална тема во денешната феминистичка теорија (според Moi 259), таа прво се насочува кон, според мене, едно од клучните последователни прашања – она кое чепнува во идентитетскиот проблем, или авто-перцепцијата на жените писатели.[1] А проблемот на идентитетот (т.е. одговорот на прашањето – што значи да се биде жена писател, и во однос на концептот „жена“, и во однос на концептот „писател“) е, како што вели Памела Нан (Pamela Gerish Nunn) „фундаментален проблем“, зашто ако жените сакаат да зборуваат за себе, тие „мораат да знаат кои се“ (Nunn, As a Woman, I Have No Country).
     Македонските писателки (или, писателките кои пишуваат на македонски јазик) во основа своите размисли за себе и за своето писмо ги изразуваат на два начина, т.е. преку два медиума. Првиот е во рамките на сопственото писмо, т.е. мета-текстуално и авто-референцијално, осврнувајќи се или на писмото како такво или пак на својата улога (т.е. идентитет) како писател(ка).[2] Притоа, ваквите проблесоци најчесто се интроспективни и интимни и се вртат околу добро познатиот проблем на „стравот од авторство“, или анксиозноста на авторката соочена со сомнежите во својата креативност. Вакви примери можат да се најдат кај Оливера Ќорвезироска, како во парадигматичниот расказ Мојата (не)пријателка писателка, во кој нејзиниот субјект (нејзиното книжевно алтер-его), Марија Мислева, се плаши „од Зборот до смрт“ (Ќорвезироска, (С)плетени раскази 97-98). Метафорично, за проблематиката на женската креативност во писмото зборува и Румена Бужаровска во расказот Чкртки (од истоимената збирка), а на сопственото писмо и на креативниот процес се осврнува и Лидија Димковска во романот Скриена камера.
     Вториот, многу посимптоматичен начин на изразување на размислите за состојбите на македонското женско писмо се наоѓа екстерно, вон нивното книжевно писмо – во ставовите кои авторките пред сè ги изразуваат во оние текстови кои се јасно мета-текстуални (критички и есеистички, а на моменти и теориски), како и во јавниот (популарно-медиумски) дискурс. Лидија Димковска прилично илустративно ја резимира преовладувачката авто-перцепција кај македонските писателки кога вели дека тие „се или рамнодушни кон поимот женско писмо, или се против издвојувањето на феминистичкиот дискурс и поделбата на машко и женско писмо сметајќи дека со неговото признавање всушност се дискриминира и гетоизира литературата пишувана од жени, или се сметаат себеси за феминистки кои пледираат за посебноста на женското писмо“ (Dimkovska 99). Притоа, би додала, исклучително се ретки третиве – оние

_____________________________________

1. Кога овде се зборува за прашањето на идентитетот кај македонските писателки, секако треба да се има на ум и тоа дека проблемот на идентитетот, особено во овој контекст, „не се состои само од констатацијата (констативноста) на она што сме, туку, уште повеќе, во аспирацијата (конјуктивноста) на она, што сакаме да бидеме“ (Шелева 53). Значи, начинот на кој писателките се гледаат себеси, особено наспроти (или во рамките на) македонскиот (прозен) канон, се однесува како на тековните состојби, така и на нивните аспирации/желби/потреби за (евентуално) редефинирање на себеси и/или канонот како таков.
2. И Катица Ќулавкова во некои свои теориски текстови ја посочува тенката и флуидна граница меѓу женското писмо и женското мета-писмо (според Ќулавкова 12-13).






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+