Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 93 | година XVI | ноември-декември, 2013



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 93ноември-декември, 2013
Есеи

Јазикот како општествено дејствување во е-комуникацијата

/9
стр. 1
Мира Беќар

Во време на комуникација преку социјални мрежи како Фејсбук (Facebook), Твитер (Twitter), Ласт.фм (Last.fm) и други, употребата на јазикот се усложнува. Јазикот надминува одредени рамништа на комуникацијата, како на пример референцијалното рамниште, па оттаму се јавува и потребата да се анализира на идиосинкратско рамниште, а не само како систем од одредени лингвистички знаци со универзална примена. Различните дисциплини – меѓу кои се теориската лингвистика, применетата лингвистика, прагматиката, реториката, комуникологијата, анализата на пишаниот и говорениот дискурс и етнографијата на комуникацијата – пристапуваат кон анализа на различни јазични аспекти. Едни се занимаваат со јазикот на ниво на зборот и реченица, други го надминуваат реченичното ниво и го истражуваат контекстот, или пак успешноста на аргументираното (реториката и комуникологијата), а некои ја проучуваат врската меѓу структурата на напишаното или искажаното и прагматската функција што се врши со одредената јазична структура во специфичен локален контекст (прагматиката и применетата лингвистика). Во овој труд ќе ја анализирам врската меѓу јазикот како општествена интеракција во е-комуникацијата, и специфичните проблеми кои се јавуваат при овој тип на комуникација, со цел да потсетам на потребата, а и да се надоврзам на истражувањата во кои на јазикот се гледа како на нешто посложено од систем на знаци со кои се пренесува порака – поточно дека самиот јазик е општествено[1] дејствување (language as social action). Тоа ќе го сторам преку примери од еден релативно нов комуникациски жанр – чет (chat), кој меѓу другото служи и за истакнување статуси на Фејсбук, Гугл-ток (Gtalk/G+) и слични мрежи. Исто така, ќе ги истакнам и проблемите кои се јавуваат при е-комуникацијата – како на пример неразбран статус, и немањето можност да се побара појаснување во однос на неговото значење, бидејќи социјалните мрежи ја дозволуваат слободата соговорниците да не бидат во исто време пред екраните, туку можат да одговорат според можностите и кога им одговара, или воопшто да не одговорат. Овие мрежи дозволуваат дружба на индивидуи кои коментираат и на општествени и на лични теми во секое време. Бидејќи четањето (муабетењето) онлајн може да се одвива меѓу две индивидуи или групи на луѓе, важно е да се напомене дека значењето на некој исказ потекнува од општествените текови, но смислата на исказот може да варира меѓу поединците. Поместување на значењето на исказите и природата на јазикот се случува во рамките на комуникацијата во групата. Значењето е релевантно за поединецот, но интересно е тоа што и без целосна контрола на поединецот може да стане релевантно во рамките на одредена,

_____________________________________

1. Англиската придавката “social” во македонскиот јазик може да се преведе со а) социјално и б) општествено, а да укажува на различни контексти од на пр., „социјална мрежа“ до „социјален случај.“ Зборот „социјален“ се однесува на општеството, на животот и на односите на луѓето во него. Ги одбрав термините „општествено дејствување“ и „социјални мрежи“ за потребите на овој труд за да се покрие и значењето на друштво како група, како составен дел од општеството, како и смислата на пријателска, меѓусебна интеракција, социјализација и заемно дејствување.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+