Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 97 | година XVII | јули-август, 2014



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 97јули-август, 2014
Есеи

Тишината на субалтерниот и епистемичкото насилство на империјализмот

/9
стр. 1
Трајанка Кортова

„Епистемичкото насилство на империјализмот… го конституираше/ бришеше субјектот кој беше принуден да го катектира… просторот на самоконсолидирачката другост на Империјалистот… Најјасниот достапен пример кој го имаме за епистемичкото насилство е надалеку оркестрираниот, широко распространет и хетероген проект да се конституира колонијалниот субјект како Другост“[1].
    „Европа се консолидирала себеси како суверен субјект со тоа што ги дефинирала колониите како „Другост“, и покрај фактот што, со цел да управува со нив и да ги прошири своите пазари, ги конституирала во програмирани слики слични на тоа исто суверено сопство“[2].
     Конституирајќи го колонијалниот субјект како Другост, колонијализмот врши епистемичко насилство. Во што се состои тоа насилство? Во контекстот на теоријата на Гајатри Чакраворти Спивак, тоа претставува користење на западното знаење (т.е. епистемологија) за да се оправда политичката и културна доминација над незападот, изопштување на колонијалниот Друг од каков било валиден дискурс на знаење и чувствување, спречување кај него да се појави свест за себеси, својата ситуација и начинот на кој може да бара излез од неа, опстојување во услови на маргиналност и фрагментарност, онеспособеност да постигне обединување со сличните на себеси и, следствено, принуденост да игра епизодна улога во историјата. Резултат на епистемичкото насилство на империјализмот е отсуството на речиси секакво валидно знаење кое доаѓа од незападот и кое може да опстои само со својата интринзична вредност, без да има потреба да биде споредувано со она што доаѓа од Западот или да биде добродушно „посвоено“ од него. Резултатот од епистемичкото насилство на империјализмот е уништувањето или деградирањето на незападните култури и светогледи, што пак довело до тоа европското знаење да биде сметано за универзално и општоприфатено, ентелехија на универзални вредности.
     Зборот епистема потекнува од старогрчкиот збор ἐπιστήμη, а значи знаење или наука; глаголот ἐπίσταμαι, пак, значи знае, разбира. Епистемата се разликува од τέχνη = вештина, знаење или уметност. Во Платоновата теорија, епистемата значи „вистинско знаење“, наспроти doxa, која укажува на општи верувања или мислења[3]. Епистемологијата, според тоа, е наука за знаењето. Во филозофијата на Мишел Фуко, епистема е не само корпусот на знаења и идеи кои се во оптек во даден период, туку и она што ја условува можноста за појава на знаењето, она што одредува што е воопшто можно да се знае во одреден период. Со други зборови, таа е несвесна категорија која ги определува појавата и текот на мислата, а се однесува токму на „несвесните структури кои лежат во основата на производството на научно знаење во одреден период и место“[4]. Епистемата често се доведува во

_____________________________________

1. Гајатри Спивак, цитирано според Benita Parry. “The Postcolonial: Conceptual Category or Chimera?” The Yearbook of English Studies, Vol. 27, The Politics of Postcolonial Criticism. (1997), pp. 3-21. JSTOR, стр.9.
2. Spivak, Gayatri Chakravorty. „The Rani of Sirmur: An Essay in Reading the Archives“. History and Theory, Vol. 24, No. 3, (October, 1995), p. 247. Blackwell Publishing, http://www.jstor.org/stable/2505169.
3. http://en.wikipedia.org/wiki/Episteme.
4. http://www.michel-foucault.com/concepts/.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+