Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 97 | година XVII | јули-август, 2014



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 97јули-август, 2014
Критика

Трансценденталното знаење како темел на „Багавад-Гита“

/6
стр. 1
Кристина Димовска

1. Знаењето како нужен принцип за нирвана

Тематската[1] комплексност и жанровската специфичност на Багавад-Гита ги прават несмасни сите обиди за класична увертира во нејзината содржина. Читана истовремено како религиски текст наменет за иницијација на посветеникот во тајните на трансценденталното знаење, како фикционализирана верзија за историски спорната битка на Курукшетра[2] и како книжевна творба што ја опева битката меѓу петте Пандави и стоте Каурави, Багавад-Гита жанровски се распрснува, но постојано останува стилски, тематски и содржински компактна. Низ нејзиното тело струјат жилите на она што западниот свет го именува – со чувство на некаква страсна мистичност – како трансцендентална свесност или знаење над искуството. Па, иако се зачна од потребата да ги појасни, преведе, дешифрира или прилагоди хиндуските онтолошки концепти на речникот на западната терминологија, овој оглед ќе ја пресече од почеток таа своја тенденциозна амбиција и наместо тоа ќе го насочи фокусот на неколку контемплативни и стожерни принципи во текстот.
    Дијалогот меѓу Кришна како Учител, врховен Брахман и Арџуна како Ученик и несовршен Атман, за своја основа го имаат поимот на трансценденталното знаење. Овој концепт е моторната сила на текстот ако се чита како религиски трактат. Единствено знаењето или свеста за врховното сознание води кон освестување, а освестувањето кон ослободување од материјалните нишки или непожелните ефекти на залажувачката стварност или māyā[3]. Резултатот од оваа задача, – која не секогаш бара само аскетско придржување до упатствата на некој гуру или духовен учител, туку и прекогнитивно насетување на стварите – е ослободувањето од кармичкото ропство. Ова ослободување, или нирвана, го означува завршетокот на процесот на материјалниот живот, истовремено ставајќи крај на активноста на самсара. Котерел нирваната ја дефинира како „нероденост“, како „конечно избавување од кармичкото ропство“, како „просветлена здрвеност“ (Koterel 1998: 101, 129), а Кембел како „трансценденција на ветровите на страста“, како „неангажираност во занесен транс“ или како „ветер на времето“ (Campbell 1960: 469; Campbell 1964: 252; Campbell 1968: 33). Самсара и нирвана, следствено, се однесуваат на jīvātmā, на атомската душа или Атман, но не и на Paramātmā, или Супер-душата или Брахман. Во Багавад-Гита, учењето на Кришна како духовен учител, но и како Супер-душа, му е упатено на Арџуна (кој е Секој, како опозит на Одисеевото Outis или Никој) и на читателот како Арџуна или како jīvātmā. Ако ученикот е само половично духовно реализиран, банален (или mundaner, според коментаторот Прабупада) и врзан удолу од четирите дефекти: на правењето грешки, на зависноста од илузии, на тенденцијата за прелажување на другите и на несовршенството на сетилата,

_____________________________________

1. Овој текст е пократка изведенка од неговиот поопсежен, англиски оригинал.
2. Битката на Курукшетра, ако се третира како веродостоен историски настан, се збиднала на крајот од Двапара-југа. Наредната југа, Кали-југа, започнала на 18 февруари, 3102 п.н.е. (Gambhīrānanda 2003: XI).
3. Поради извесни тешкотии при форматирањето на текстот, што беа надвор од контролата на авторот, можно е одредени имиња и називи на Санскрит да се појават во нивната неточна IAST транслитерација. Од тие причини, читателот е замолен да го следи текстуалниот контекст со цел овие непредвидени нарушувања, – инаку непостојни во оригиналниот текст пратен до уредништвото – да не го нарушат неговото разбирање на текстот.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+