Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 100 | година  | септември, 2015



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 100септември, 2015
Есеи

Неиспорачано писмо

/1
стр. 1
Лидија Капушевска-Дракулевска

_______________________________________________________________________

Неиспорачано писмо

Драги Игор,
    За жал, не успеав да напишам ништо ниту за Тебе, ниту за Твојата Поезија, иако соработувавме во Блесок, ги споделувавме книжевните настани, неретко во Твоја организација, и толку често случајно се среќававме по улиците и кафулињата во нашето Скопје… Си велев, има време!
    Времето, по кој знае кој пат, ме порази. „Само јас го имам клучот на таа дива парада“ – овој стих на Артур Рембо му прилега на тој суров господар на нашите животи – времето. Сепак, во име на Твојот толку препознатлив критички дух, се осмелувам да му пркосам! Со Твоја помош, се разбира, со Твоите книги кои ни ги остави како дар: оригинални, преведени или приредени, сеедно, сите тие книги се – Твојот живот.
    „Книгите се помалку конечни од нас самите“ – вели Јосиф Бродски. Нешто слично изјавил и Езра Паунд: „Персоната на еден поет може да се поистовети со текстот. Тоа значи дека Хорациевиот multa pars на поетот, оној дел што ќе ја победи смртта, тоа е текстот. Да се воскресне, значи да се биде читан.“ Знам дека Твоите песни се читале и ќе се читаат; знам дека и сега си залегнат врз стихови кои иако како нежни пеперутки како златна прашина / бегаат пред допирот како јато неми риби / во рибникот на небото кое златно свети / златно како молчење („Залегнат врз стихови“), Ти и понатаму суверено клацкаш нозе од облаци („Топло тивко место“), зашто беше и остануваш – Поет.
    Поезијата не е само најсожетиот, туку е и најкондензираниот начин на пренесување на човековото искуство. Ти имаше свест за своето поетско домување во овој, ни малку розов, свет. Не случајно, во едно од Твоите последни интервјуа, за поезијата ќе изјавиш: „Таа не само што ме држи во кондиција, туку ме држи и нормален. Ако некој живее за да пишува, тогаш тој е исполнет човек. Така се чувствувам“ (Дневник, март 2014).
    Ако постои утеха драги Игор, тогаш тоа е токму сознанието дека си бил исполнет; вистинска реткост е да се замине како исполнет човек. Дури и своето заминување поетски, визионерски го најави со стиховите: Ако некогаш заминам… ќе биде тивко, неосетно, како да ме немало („Ако некогаш заминам од тебе, од нас, од себе“). Неверојатно, секогаш си бил во право: навистина замина тивко и неосетно. Но згреши во едно! Иако она Твое како да ме немало е метафора за суровата вистина и за трошноста на човековото постоење, знам дека не важи за поетите кои оставаат неизбришливи траги. Твоето име останува трајно запишано во Златната книга на македонскиот поетски Пантеон…






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+