Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 103-104 | година  | декември, 2015



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 103-104декември, 2015
Критика

Поетска творечка митологија

Славе Ѓорѓо Димоски Јазичен триптихон, 2015, ПНВ Публикации – Скопје


/4
стр. 1
Наташа Аврамовска

_______________________________________________________________________

Поетска творечка митологија

    Најновиот поетски ракопис на Славе Ѓорѓо Димоски го чинат три лирско-епски песни. Првата песна, „Јазичен триптихон“, трикратно го огласува Постанокот во песните: „Јајцето на јазикот“, „Логосот“ и „Што можеше да се види од големата сцена космичка“. Кристално јасни, проѕирните стихови на овие песни најпрвин го пластат, го таложат вриежот, вртежот на напрегнатоста што од себе го раѓа сето, а потем го воспоставува симболичкиот ред на нештата (во втората песна), мигновено воспоставувајќи го во третата песна и излезот кон неповратноста на времето – илезот кон историјата. Трите пеења се три скаменети лица, поетски слики на мигот пред мигот, на времето што, допрва на повидок, сѐ уште не е, а потем наврапито, одненадеж – сето е веќе извршено. Сето. Двете песни во додаток, потем, на мономитски начин го сликаат единствениот јунак или анти-јунак на историјата. Токму песните во Додаток, „Каин“ и „Анабаза“, отпаднатите од опејувањето на сакралното, го загатнуваат проследувањето на овој поетски ракопис во контекстот на „творечките митологии“ (Кембел[1]).
    Денес изгледа излишно да се говори за митот како предлошка на книжевноста. Впрочем, митот најпрвин и е единствено специфичен вид на поетско умеење, што го утврдува веќе Вико, првиот нововековен проследувач на митот и творец на првата филозофија на митот. Романтизмот, пак, со неговиот возобновен интерес за народното, ритуалното и митолошкото, поставувајќи го митот во основата на уметностите воопшто, особено ја апострофира врската меѓу митот и поезијата:
    „Ако поезијата е претставност на материјата како уметност во потесна смисла на формата; митологијата е апсолутна поезија, би се рекло, природна поезија. Таа е вечна материја од која се раѓаат сите форми со таков сјај и разнообразност“ (Шелинг[2]).
    Независно од натамошните диференцирања во поимањето на митот на симболичките теории, на аналитичката психологија, на структурализмот и бројните современи приоди на митокритиката, се чини дека останува неприкосновена токму врската меѓу митот и поезијата, којашто им е имплицитна и на оние поретки утврдувања кои првенствено ја препознаваат сродноста меѓу митот и музиката[3].
    Од друга страна, поетскиот експеримент на авангардата во настојувањето одново да се досегне загубената магичност на изречувањето, да се оснажи неговата симболичка, светотворна моќ, придонесе токму митемата/митемите за Создавањето во спрега со иницијалниот Звук односно Слово/Логос на Создавањето да стане една од доминантните поетски теми односно поттекст на развојот на поезијата во текот на дваесеттиот век. Секое поетско настојување да се досегне светото рамниште на изречувањето, да се изрече и осведочи нова смисла е втемелено во митот за првичните космогониски и симболички изречувања. Довикувањето на

_____________________________________

1. Термините „мономит“и „творечки митологии“се преземени од Џозеф Кембел (J. Campbell, The Hero with a Thousand Faces, 1949; The Masks of God, 1959-1970). Подоцна во текстот овие поими се контекстуално поблиску одредени.
2. F. W. Von Schelling, Einlitung in der Philosophie der Mitologie, 1856, овде цитирано според E. M. Meletinski Poetika mita, Beograd: Nolit, стр.20.
3. Кај Сузана Лангер ваквото утврдување се јавува во спрега со нејзиното симболичко проследување на митот на рамништето на индивидуата, та меѓу биолошкото искуство и повисоката духовна сфера музиката се јавува како „мит за внатрешниот живот“, - со оглед на што симболичноста на митот и музиката останува незавршена (S. Langer, Filozofija u novome ključu, 1967:344). Во однос на раните трудови кога е сосредоточен исклучиво на лингвистичките модели во проследувањето на митот, Клод Леви-Штрос во предговорот кон Митологики делумно се преориентира од јазикот кон музиката како уметнички облик што како и митот ги изразува несвесните структури.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+