Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 106 | година  | март-април, 2016



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 106март-април, 2016
Есеи

Принципот слобода vs. стапиците на стравот

за поезијата на Алеш Дебељак


/11
стр. 1
Катица Ќулавкова

_______________________________________________________________________

Принципот слобода vs. стапиците на стравот

    Ако се смета дека песната при секое читање го преминува патот од личен во надличен исказ, со што туѓиот исказ на песната станува свој, личен исказ на читателот, тогаш ‚универзализацијата‘ на поетскиот свет се остварува преку иницијација на туѓиот исказ во свој, преку усвојување (адопција) на поетската визија како своја, што пак подразбира маргинализација на категоријата своја (автор). Се брише разликата меѓу свој и туѓ поглед на свет и се отвора просторот на споделени слики на свет. Во просторот на духовната и книжевната комуникација се ставаат на втор план „имотните“ и своинските категории. Заедничкиот простор на авторот и читателот е споделената визија и дискретното разбирање, а тоа е другото име на препознавањето во другиот и во неговиот идентитет.
    Поради тоа, легитимно е прашањето што го поставува Алеш Дебељак во песната во проза, од циклусот „Северни елегии“ (Мигови страв, 1990): „Ќе можеш ли да се препознаеш во оваа песна“ (Космополис, 2010: 12).[1] Тоа прашање е поставено имплицитно до читателот, а експлицитно до лирскиот субјект и до другото лице на поетот (до себеси), па и до замислениот соговорник на песната (макар се работело за подвоено Јас!). Прашањето на препознавањето е постојано отворено, пред секоја песна, при секое читање, при секое соочување со светот и со неговите слики. Можеби тој чин на препознавање на стварноста интервенира во светот на фикцијата, па станува битен за негување на „осетот за реалност, која се менува како непостојаните архипелази во јужните мориња“.
    Имајќи ги предвид овие сигнали за присуството на (интимната сенка на) стварноста во поезијата на словенечкиот, јужнословенскиот и европски поет Алеш Дебељак (1961, Љубљана),[2] ќе си допуштам да ја контекстуализирам интерпретацијата на неговата поезија по однос на културно-историската ситуација од крајот на XX и почетокот на XXI век. Во тие рамки, контекстот ќе реферира и на неговите есеистички, односно социо-политиколошки и филозофски сфаќања за југословенскиот хабитус и за смислата и последиците од распадот на југословенската федерација (визирана како ‚Атлантида'), сфатена како парабола на балканизацијата на Европа и на светот, објавени во хрватскиот превод на книгата Балканско дувло (2014).
    На секоја „балканизација“ ѝ следи некоја нова интеграција, европеизација и глобализација. Не секоја фрагментација ѝ следи некоја нова структура (нов систем на односи), нови рамки, граници и групации на фрагментираните делови. Нов мизансцен, нова режиска постава на истиот прототекст. Згора на тоа, во XXI век, се ревидира и самата текстура на општествата (не само на државите), нивните идентитети, жигосани со стратегијата на

_____________________________________

1. Во првиот превод на македонски јазик, во авторство на Лидија Димковска, исказот гласи: „Ќе најдеш ли сега сили да се препознаеш во оваа песна?“ (Избрани песни, 2004: 44).
2. Zamenjave, zamenjave (PAM, Mladinska knjiga 1982), Имињата на смртта (Imena smrti, Mladinska knjiga 1985), Slovar tišine (Aleph Press 1987), Мигови на страв (Minute strahu, Mladinska knjiga 1990), Градот и детето (Mesto in otrok, Mladinska knjiga 1996), Незавршени оди (Nedokončane hvalnice, Mladinska knjiga 2000), Под површината (2004 Pod gladino, Mladinska knjiga 2004), Кријумчари (Tihotapci, Mladinska knjiga 2009). Неговото есеистичко творештво опфаќа над 14 книги, меѓу коишто: Меланхолични фигури 1988, Постмодерната сфинга 1989, Темното небо на Америка 1991, Над руините на модерноста 1999, Балканскиот мост: есеи за книжевноста на ’југословенската Атлантида’ , 2010 и други.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+