Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 107 | година  | мај 2016



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 107мај 2016
Есеи

ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

ЗА ТОА КАКО ФЕЈСБУК ЈА ПРЕЗЕДЕ МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА ОД АКАДЕМИЗМОТ И ЗА ИСТРАЈНОСТА НА МИЗОГИНИЈАТА


/8
стр. 1
Елизабета Баковска

_______________________________________________________________________

ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

Во 1970 година, босанскиот писател Меша Селимовиќ напиша: „Верата е закон кој го дефинира целиот живот. Поезијата е вон тој закон, не го признава, бара слобода за зборот и мислата и го негира совршенството на зборот што го создал Бог. Да се живее сонувајќи, надевајќи се, исчекувајќи, значи да не се прифаќаат нештата такви какви што се. Таа е бунт“ (Selimović, 1970: 158). Сфатена и искусена не само како израз на човечката креативност, туку и како место за искажување на сопствената, исконска индивидуалност наспроти колективното, унифицираното и однадвор наметнатото, не е чудно што денеска, повеќе од четириесет години по овие зборови, поезијата стана еден од најчестите „статуси“ на социјалните медиуми, како Фејсбук. Социјалните медиуми се просторот во кој поезијата може да се пишува и од кој може да се испраќа без традиционалните филтри како лектори, уредници и издавачи; за читателите, таа е лесно достапна и бесплатна, а на авторите им дава експресна повратна реакција (во вид на „лајкови“ и „коментари“) која не би ја добиле од класичното објавување на хартија. Затоа, може да се каже дека Фејсбук поезијата стана жанр на популарната култура, културен производ за масовно консумирање наспроти поезијата која се објавува и се чита во ограничените кругови на писателските здруженија и академиите.[1] Како и секој друг вид или облик на популарна култура, таа ги опфаќа „креативните изрази на обичните луѓе наспроти оние на елитата или едуцираните класи на општеството…” (Magoulick, 2006).
    Феноменот на Фејсбук поезијата стана многу видлив во македонскиот контекст, особено во последниве неколку години. Пред нејзината појава, како и секој друг вид национална книжевност, новонапишаната македонска поезија ја создаваше и ја читаше ограничена публика, додека критериумите за тоа што значи „добра поезија“ ги препишуваа самите канонизирани поети, критичари и професори (скоро секогаш мажи), бидејќи „универзитетите се чувари на традицијата, заштитници на она што тие го сметаат за најдобри и највредни споменици на човековата инвентивност и креативен израз“ (Schudsom, 1998: 497). Интерпретацијата на поезијата и припишувањето на квалитет и вредност на она што се произведуваше често му значеше малку на обичниот читател, кој беше збунет и ретко можеше да се поврзе со песните (а впрочем и со поетите) кои ги добиваа најдобрите критики. На пример, Гане Тодоровски, еден од најистакнатите македонски поети, не штеди пофалби кога вели дека поезијата на еден колега поет (и претседател на Друштвото на писатели на Македонија) „успева да се самозаштити преку елиптичноста и спокојниот израз…

_____________________________________

1. Овие карактеристики го потврдуваат еден од најпопуларните митови за популарната култура, „оној за нејзината лесна пристапност, народност, за нејзината блискост со ’популарниот’ вкус и со масовната публика…“ (Атанасова, 2012: 124).






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+