Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 111 | година  | јануари, 2017



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 111јануари, 2017
Есеи

Чуд(ес)на синтеза

Кон изложбата „Пикасо, можеби јас?“ од Филип Фидановски, 25 октомври 2016, Музеј на град Скопје, Скопје


/3
стр. 1
Ана Мартиноска

_______________________________________________________________________

Чуд(ес)на синтеза

Good artists copy, great artists steal.
    Pablo Picasso

Пикасо? Можеби Фидановски? Доминантно првиот, вториот или можеби двајцата подеднакво видливи? Или ниту едниот, ниту другиот, туку некоја чуд(ес)на синтеза? Сериозни (идентитетски) дилеми провоцираат уште од самиот наслов на изложбата. Кога ќе ги погледнете делата, прашањата продолжуваат да се нижат: Во колкава мера го има Пикасо во овие скулптури, а колку самиот Фидановски? Дали е во прашање само инспирација, фасцинација, посвета или нешто сосема различно? Можеби обид за имитација или форма на пастиш[1] придружена со добра маркетиншка тактика? Каква е врската меѓу двајцата уметници генерално и што ги поврзува во конкретниов случај? Која е идејата/емоцијата која се крие зад овие дела? Како е направена селекцијата на дела од Пикасо кои се вкомпонирани во нови форми? До каде е алузијата, а каде инвенцијата?
    Одгатнувањето на овие и бројни други прашања кои оваа изложба на Филип Фидановски ги отвора пред скопската публика, најпрвин нè води кон извесно неопходно потсетување дека уметноста често знае(ла) да биде инспирирана од друга уметност. Иако денес тоа најчесто го толкуваме како постмодерна постапка, всушност референците, цитатите, колажите, омажите, па дури и иронијата, цинизмот и пародиите на познати уметнички дела отсекогаш биле дел од историјата на уметноста. И ренесансните сликари ѝ оддаваа почит на античката уметност, и дадаистите се потсмеваа со сè создадено пред нив. Веројатно е доволно само да потсетиме на Дишан и неговото поигрување со култната „Мона Лиза“ и на Енди Ворхол и неговите исто така поп-арт пародии на Де Винчиевиот мурал „Последната вечера“ или пак на инспиративните творечки релации на Моне-Мане, Миро-Бош, Лихтенштајн-Ван Гог и многу други големи уметници.
    Во овој контекст, и самиот Пикасо, уште за време на својот живот, но и до ден денешен, бил и останал инспиративен за другите уметници од различни жанрови, простори и времиња. Некои визуелни уметници се под влијание на неговиот кубизам, други се инспирираат од неговите неспоредливи варијации во стилот, трети од експериментите кои ги прави во сите аспекти од своето сликарство, скулптура и графика. Не се малкумина ни уметниците кои и самите јавно го признаваат силното влијание на Пикасо во своите дела, како Дејвид Хокни, Рој Лихтенштајн и Џексон Полок, да наброиме само неколкумина[2].
    На ваквите уметнички врски и влијанија посветени им се цели галерии[3] и бројни изложби, меѓу последните и големата изложба насловена како „Пикасоманија“, а поставена во Гран Пале (Grand Palais) во Париз минатата година[4]. Таа ги собрала на едно место различните генерации и видови на уметници

_____________________________________

1. Пастиш е уметничко дело кое, целосно или делумно, се состои од мотиви или техники преземени од други извори; http://www.dictionary.com/browse/pastiche
2. http://www.artrepublic.com/articles/323-picassos-influence-on-other-artists.html/
3. http://www.saatchiart.com/art-collection/Painting-Collage-Drawing/Inspired-by-Picasso/153961/23235/view http://www.cbsnews.com/news/picassos-influence-on-american-artists/
4. Повеќе види на https://www.theguardian.com/artanddesign/2015/oct/07/paris-exhibition-influence-of-pablo-picasso-mania






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+