Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 113 | година  | мај-јуни, 2017



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 113мај-јуни, 2017
Поезија

Поезија

Превод од англиски: Борислав Јарчевски


/5
стр. 1
Џон Китс

Ода на меланхолијата
Ода за славејот
Ода за Психа
Ода на грчката урна
Ода на безгрижата

_______________________________________________________________________

Ода на меланхолијата

Не, не, не оди кон Лета, не корни
Самокитка жилава за виното ѝ трујно;
И не давај бледо чело да ти топи
Бакнеж на зрнец, грозје Прозерпинско[1]  рујно;
Бројници не прај од тисови зрна,
Нека не биде буништар, ни смртолик молец
Твојата жаловна Психа[2] , ни перјест ут[3]
Брат во мистеријата[4]  ти скрбна;
Оти мракот што сени в дремлив час ќе дојде,
Да го удави дертот буден во нашиот дух.

Но кога меланхолијата ќе се спушти
Нагло од небо ко облак што липа,
Што ги дои сите сведнати цутки,
А ридот зелен во априлски саван го свива;
Пресити ја скрбта со утринска ружа,
Ил божилак на солени песочни далги,
Ил китки кругли божури дрочни;
Ил љуба ако лутина жарка ти пружа,
Зграпчи ѝ дланка мека, остај да се жали,
И длабоко втони во тие неспоредни очи.

Живее Таа[5]  со Убост – Убост со крај морен;
Со Радоста, чиј длан завек бакнежи дари
За адио; со ќефот безмалку болен,
Што станува отров дур пчелина уста се блажи:
Да, токму сред самиот храм на Сласта
Овелена Меланхолија има суверен олтар,
Невиден од никој сем тој чиј јазик јак
Ќе го прсне на кубе плодот на Радоста;
Душата ќе вкуси од моќта нејзина тажна,
И ќе виси сред нејзини пленој без зрак.


_____________________________________

1. Прозерпина – кралица на подземјето во грчка митологија
2. Грчкиот назив на душата
3. Сите овие се отровни растенија, или животни кои се симболи на смртта во различни култури
4. Религиозен обред кај античките народи
5. Се однесува на Меланхолијата, која сега е отелотворена како божество





Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+