Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 114-115 | година  | јули-август, 2017



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 114-115јули-август, 2017
Есеи

Мигрирање на уметноста во други простори

/9
стр. 1
Кристина Божурска

_______________________________________________________________________

Мигрирање на уметноста во други простори

    „Што се случува кога уметноста ќе ја напушти ‘сопствената’ територија? Кога навлегува во ситуации на колаборација во други територии?“ (Wright, 2013, p. 29) се запрашува теретичарот, критичар и куратор Стивен Рајт, кој го именува овој процес како екстериторијален реципроцитет, обидувајќи се да објасни што се случува со ‘вакуум’ просторот што уметноста го остава зад себе при мигрирањето во еден друг простор. По правилото на реципроцитет 1:1, напуштениот простор, „претходно резервиран само за уметноста, одеднаш станува достапен за други форми на активност“ (Wright, 2013, стр. 29), ресурс за практичари од други области во кој уметноста мигрирала, кои пак сега овој простор го користат за сопствена употреба.
    Кои се тие нови простори кон кои современата уметност се придвижува, територии кои ги окупира? Излегувајќи од границите на репрезентативното, формалното, ликовното, современата уметност денеска навлегува во сферите на општественото живеење, но не симболично како во модерната, туку реално втурнувајќи се во негово обликување, менување и креирање.
    „Социјално ангажираната уметност функционира преку поврзување со субјекти и проблеми кои вообичаено им припаѓаат на други дисциплини, преместувајќи ги привремено во сфери на амбивалнетност.“ (Helguera, 2011, p. 5) Во својот Прирачник за социјално ангажирана уметност (Education for Socially Engaged Art: A Materials and Techniques Handbook, 2011), уметникот Пабло Хелгуера говори токму за меѓупросторот, односно тенката линија која ги дели двете дисциплини, социјална работа и социјално ангажирана уметност, кои никако не се вклопуваат во традиционалните очекувања за уметничко дело ниту пак се придржуваат кон воспоставените методи на социјална работа. Современата уметност го проширува својот обрач и излегува од затворениот уметнички круг наметнувајќи поотворен и поширок пристап. Поамбициозните уметнички проекти, успеваат да излезат од вообичаената и очекувана рамка и директно работат со луѓето од улица, со поединци од маргиналзирани групи во отворени јавни простори нетипични за креирање и презентирање уметничко дело. Учесниците во ваквите проекти, не се само следбеници и извршители на нечија идеја, туку и креатори, ко-автори кои можат да тврдат дека придонеле во создавањето на еден уметнички проект.
    Во понатамошниот текст ќе презентирам неколку социјално ангажирани партиципативни проекти кои уметничкиот простор умешно го испреплетуваат со уште многу сфери од општественото живеење, комбинирајќи искуства и методи од други дисципини. Ваквите социјално ангажирани  проекти[1] често се сретнуваат под разни имиња, но во последно време теоретичарите, критичарите и уметниците ги обединуваат под терминот социјална практика (social practice). „Новоформираниот термин социјална практика го избегнува поврзувањето на уметникот со неговата традиционална улога на уметник –визионер и гениј, како и

_____________________________________

1. Наместо социјално ангажирана уметност во овој текст ќе го преферирам терминот социјална практика  од причина што кај нас терминот ангажирана уметност е диксутабилен, и во голема мера, под ангажирана уметност се подразбира и традиционално уметничко творештво во рамките на класичните ликовни дисциплини но со одреден критички социо-културен ангажман.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+