Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 114-115 | година  | јули-август, 2017



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 114-115јули-август, 2017
Галерија Осврти

„Кратки приказни“ – фотографии од Драги Неделчевски

/1
стр. 1
Мери Каталиниќ

_______________________________________________________________________

„Кратки приказни“ – фотографии од Драги Неделчевски

    Осамени чекори по асфалтот, тивок разговор помеѓу двајца, празна соба, мирис на утрински поздрав во продавница, детски восклик, сомнителен поглед на осамениот, звук на бранови… Речиси никогаш не размислуваме за моментите околу нас, за она што се случува сега и овде.
    Неверојатната моќ на фотографијата да пренесе силна порака и содржина во само еден миг е ставена во функција со серијата фотографии „Кратки приказни“ од Драги Неделчевски.
    Сместени во димензијата помеѓу улична и документарна фотографија, доживувајќи ги „Кратки приказни“, се соочуваме со ненаметливи, а моќни заробени моменти кои поттикнуваат на размислување.
    Ова се фотографии кои извираат од животот, луѓето, човечките интеракции и состојби. Ни пренесуваат мали реални приказни за вистинските луѓе, релациите помеѓу, релациите со сепството, со просторот. Не се „убави“ и не се сетирани. Тоа и не е нивната цел. Искрени се и поврзани со животот каков што е: суптилен, спонтан, неслучајно случаен, суров, среќен, никаков. Зачинети со нишка критичност кон општеството, реална суровост и „директен поглед во очи“, нудат субјективна стварност. Не откриваат многу, а оставаат простор за слободна интерпретација и единствено индивидуално доживување на приказната.
    Во фотографиите од Драги Неделчевски гледачот не наоѓа поставени прашања или понудени одговори. Тој едноставно ги сервира необременето и слободно, со доза на сигурност дека гледачот ќе се врати повторно пред фотографијата, ќе се задржи подолго или можеби „на прва“ ќе го оправда memento mori на Сузан Сонтаг, моментот во индивидуалната приказна.
    Уште еден елемент кој се издвојува, е моќта на Неделчевски преку фотографијата да го потенцира силното човечко присуство и онаму каде што нема човек. Притоа нè потсетува не само на човекот како битие, туку на суштинските состојби како: осаменост, страв, конфликт, апатија, живот, смрт…
    Со „Кратки приказни“, Драги Неделчевски како да сака да нѐ потсети на човечноста, да ни го насочи вниманието кон забележување на случајноста. Една од пораките е да престанеме да „прелетуваме“ низ животот. Да допреме и таму каде можеби ќе почувствуваме горчлив вкус. На надежта и онака секогаш можеме да се потпреме.






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+